Под своето првично име, Lumenetica Project здружението го креираше проектот ТВ БОКС, мултимедијален аудио-визуелен, телевизиско-театарски проект, кој резултираше во претстава и ТВ мини-серијал од 5 епизоди. Зародишот за идејата на проектот ТВ БОКС влече корени од проблемот да се диференцира помеѓу вистина и невистина т.е. секојдневниот живот во таканаречената post-truth era или живеење во свет каде што општото мнение помалку зависи од објективните факти одошто апелирањето кон емоциите на мнозинството. ТВ Бокс е плод на анализирање на процесот на „пакување“ на информациите од страна на медиумите во еден кохезивен пакет наречен „вистина“ и влијанието кој што истиот го има врз поединецот.
„ТВ Бокс е проект кој треба да ја испреплете реалноста со фикцијата. Има документарно-реалистични аспекти, кои навлегуваат внатре во една фиктивно – уметничка структура. Практично со тоа што во мозокот ќе се убедиме дека постои, тоа и постои. Ова е едно старо правило, многу често нашето постоење е омеѓано од некои пиксели, битови на информации што не можат да се допрат. Телевизиските куќи се само симболичен пример кои на многу конкретен начин пакуваат некоја реалност и убедуваат дека е таква. Истото важи и за печатените и електронски медуми. Мислам дека преку телевизија една случка најдиректно се врамува и се покажува одреден ракурс. Ние, како гледачи го примаме тоа нешто, без разлика дали веруваме или не. Преку сето тоа се дава една верзија на реалноста и преку тие наши умисли правиме потези со кои влијаеме вистински на реалноста. Тоа е магичен круг кој се испреплетува, нема почеток ни крај. Нас ни е многу важно да ги претставиме тие прашања, во кои ќе ги вметнеме проблематиките за сѐ, како на пример зошто сме овде… Свесни сме дека човекот, од најрано детство е бомбардиран со одредени верзии за реалноста. Токму таа генеза на нештата сакаме да ја осветлиме во ТВ Бокс“. – Славенски
Доколку сакате да добивате информации по е-маил, регистрирајте се: